Украина не стои зад обидот за атентат врз генерал-полковник Владимир Алексеев, прв заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), изјави заменикот на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, за „Ројтерс“.
„Не знаеме што точно се случи со тој генерал, можно е да станува збор за внатрешен конфликт во Русија“, изјави Сибиха.
Изјавата уследи откако руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека Украина стои зад нарачката за обидот за убиство. Според ФСБ, осомничениот напаѓач, кој пукал во генералот во Москва, бил уапсен во Дубаи и идентификуван како Љубомир Корба – руски државјанин роден во украинскиот регион Тернопил. Наводно, тој делувал по налог на украинската служба за безбедност и веќе бил екстрадиран во Москва.
ФСБ тврди и дека идентификувала двајца соучесници – руски државјани. Едниот, Виктор Васин, бил уапсен во Москва, а другата, Зинаида Серебрицкаја, побегнала во Украина.
Истражувачкиот новинар од „Инсајдер“, Христо Грозев, објави дека Васин работел за фирма поврзана со ФСБ, која произведува надзорни алатки. Според него, станува збор за компанијата „НТЦ Атлас“, подружница на државниот воено-индустриски гигант Ростех.
Алексеев, роден во 1961 година во тогашна советска Украина, е прв заменик-шеф на ГРУ од 2011 година. На 6 февруари Кремљ потврди дека бил нападнат со огнено оружје, а ден подоцна државните медиуми објавија дека преживеал операција и е во свест.
САД му воведоа санкции во 2016 година за организирање на сајбер напади за време на претседателските избори во кои победи Доналд Трамп. Бил и одликуван со титулата Херој на Руската Федерација.
Алексеев го обвинуваа и Велика Британија и ЕУ за организирање на нападот со хемиско оружје врз двојниот агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка во Солсбери, 2018 година.
Текстот Украина демантира вмешаност во атентатот врз рускиот генерал е превземен од МАКФАКС.























