СДСМ понуди, како што велат, јасно, конкретно и реално остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра.
На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска, изјави дека преку ребаланс на буџетот и со рационално кратење на трошоците од, како што наведе, „луксузот на власта“, може целосно да се обезбедат до 200 милиони евра за зголемување на минималната плата на 600 евра и за поддршка на компаниите и приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите.
„ВМРО да не ги плаши приватните компании и работодавачите“, рече Тренчевска.
Според СДСМ, само за зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Од партијата посочуваат дека со кратење од 20 до 30 проценти на делот „стоки и услуги“, каде што се вклучени возила, мебел, патувања, репрезентации, договорни услуги и, како што велат, комфор на функционерите, може да се обезбедат 130 милиони евра.
Дополнително, со кратење на делот „разни трансфери“, од хонорари и времени вработувања, според СДСМ, може да се обезбедат уште 75 милиони евра.
„Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите“, изјави Тренчевска.
Според неа, на овој начин компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Таа додаде дека не може да има пари за, како што рече, луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Тренчевска изјави и дека, според СДСМ, не држат изговорите на владата дека зголемувањето на минималната плата ќе ја загрози економијата или работата на компаниите.
„СДСМ во својот мандат ја зголеми минималната плата од 8.000 на 22.000 денари, па не се затворија работни места, не се загрози економијата. Напротив, со повеќе пари кај граѓаните и поддршка на компаниите се зголемува потрошувачката и расте домашното производство“, рече Тренчевска.
Од СДСМ наведуваат дека доколку власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот, кој, како што велат, тие ќе го поддржат.























