Близу 20 милиони евра по основ данок на имот за изминатите четири години должат на Град Скопје граѓаните и компаниите. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски откога веќе блокираше 15.000 сметки на граѓани и компании за неплатен данок на имот за 2021 година со вкупен износ од 1,3 милиони евра, е решен да ги наплати наталожените ненаплатени даноци и од останатите години па денес повика граѓаните и фирмите во следните 15 дена да си го платат данокот.
„Апелирам до сите граѓани и компании во наредните 15 дена да ги подмират своите обврски по основ данок на имот за периодот 2022-2025 година. Станува збор за 95.562 физички лица и 2.335 правни субјекти кои вкупно му должат на Градот близу 20 милиони евра по овој основ. Тоа се средства кои ни се од клучно значење за инфраструктурата, јавните услуги и подобрување на квалитетот на живот во нашиот град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски со објаснување дека ред мора да има и оти секој денар уплатен во буџетот на Градот значи повеќе проекти и подобар град за сите.
Ѓорѓиевски се пофали дека за само два месеци тој и неговиот тим успеале да намалат повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, паралелно почнале со, како што рече, „најмногу капитални проекти што овој град кога било во историјата ги видел“, а потсети и дека успеале да донесат буџет од 5,2 милијарди денари кој спореден со минатогодишниот буџет е повисок за 12 %.
Текстот Во следните 15 дена платете го данокот на имот за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, апелира Ѓорѓиевски кој веќе блокираше 15.000 сметки за неплатен данок од 2021 година е превземен од МАКФАКС.























