Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.

Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.

Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.

-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

Текстот Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште е превземен од МАКФАКС.