Денес градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со Никола Веселинов, историчар и архивист од Конзерваторскиот центар – Скопје, Радомир Ивановиќ, археолог од Археолошкиот музеј, како и со пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова Серафимовска.
Целта на средбата беше истражување на потенцијалот на културното наследство на Кисела Вода, како најстара скопска општина, со посебен акцент на историските, археолошките и културните вредности на овој простор.
На средбата беше договорено започнување стручна иницијатива во насока на систематско собирање и обработка на податоци за археолошки наоѓалишта, историски локации, објекти од културно значење и локални традиции. Овие информации ќе бидат основа за изработка на културно-историско-археолошка карта на Општина Кисела Вода, која ќе претставува сеопфатен преглед на културното богатство на општината, соопштија од таму.
Добиените податоци, појаснуваат, ќе бидат дигитализирани и објавени на официјалната веб-страница на Општината, со што ќе станат лесно достапни за граѓаните, учениците, истражувачите, но и за посетителите, со цел унапредување на локалниот културен туризам и подигнување на јавната свест за значењето на наследството.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека оваа соработка е важен чекор кон валоризација на локалната историја.
-Кисела Вода поседува богато културно и археолошко наследство кое досега не е доволно систематизирано и презентирано. Со поддршка на врвни стручњаци од областа на историјата, археологијата и етномузикологијата, започнуваме процес кој ќе овозможи нашето наследство да биде истражено, документирано и достапно за јавноста. Нашата цел е да создадеме современа дигитална платформа која ќе ја приближи историјата до граѓаните и ќе ја позиционира Кисела Вода како значајна културна точка на мапата на Скопје- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Текстот Општина Кисела Вода: Проект за мапирање на културното наследство е превземен од МАКФАКС.























