Црна Гора го затвори преговарачкото поглавје 32 – Финансиски надзор вчера, на Меѓувладината конференција меѓу Црна Гора и Европската Унија во Брисел. Ова значи дека Црна Гора го затвори 13-то од 33-те преговарачки поглавја во преговорите со Европската Унија.

Европската комесарка за проширување Марта Кос потсети дека Црна Гора затворила пет преговарачки поглавја во декември 2025 година и дека оваа серија продолжила и оваа година. Таа, исто така, истакна дека Црна Гора слави 20 години од враќањето на независноста, па затоа 2026 година нема да биде обележана само со прославата на таа годишнина, туку и со посветена работа.

„Ова е добар почеток на годината и Црна Гора е на добар пат да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година“, рече Кос.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека брзината со која Црна Гора ги затвора поглавјата од преговорите е доказ дека процесот на проширување е сè уште жив. Спајиќ, исто така, верува дека Црна Гора може да ги затвори сите поглавја од преговорите до крајот на оваа година.

„Оваа Меѓувладина конференција е доказ дека нема кратенки на европскиот пат“, нагласи тој. Тој, исто така, рече дека Европската Унија, во време на неизвесност, е столб на мирот, демократијата и владеењето на правото.

„Нема поголем идеал од обединета Европа. Црна Гора со сигурност се движи кон оваа цел“, додаде Спајиќ.

Поглавје 32 – Финансиски надзор се однесува на усвојување на меѓународно прифатени стандарди во областите на јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија и најдобри практики на Европската Унија и нивна примена во целиот јавен сектор, како и на дисциплина и транспарентност во користењето на националните и средствата на Европската Унија.

Текстот Црна Гора го затвори 13-то поглавје од преговорите со ЕУ е превземен од МАКФАКС.