Министерот за здравство, утрово присуствуваше на стручен симпозиум, во организација на „Клиниката Жан Митрев“, кој претставува платформа за поврзување на меѓународните препораки со реалната клиничка практика.

-Особена вредност на овој симпозиум е интерактивниот формат, кој овозможува размена на искуства, унапредување на клиничкото одлучување и јакнење на соработката меѓу различни специјалности, со цел подобра, побезбедна и персонализирана грижа за пациентите. Посебно беше потенциран активниот придонес на континуираната медицинска едукација и развојот на кардиоваскуларната медицина, истакна во своето обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.

Министерот, меѓу другото потсети и на новините во предлог-законот за заштита од пушење, чија цел е токму заштита и унапредување на здравјето на пациентите, имајќи предвид дека пушењето предизвикува кардио-васкуларни заболувања, кои се во подем, како кај нас, така и во светски рамки.

Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи, во континуитет ги унапредуваме условите во јавните – здравствени установи и набавка на најсовремена опрема со цел развој на здравството во државата.

Текстот Алиу: Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи во развојот на кардиоваскуларната медицина е превземен од МАКФАКС.