Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми, соопшти Агенцијата.
„Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности. Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите. Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси“, се наведува во реакцијата.
Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.
Текстот АВМУ реагира на нападите на новинари и медиуми од страна на СДСМ е превземен од МАКФАКС.























