Во рамки на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на град Скопје и оваа година ќе се реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.
Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат позитивен пример.
Годинава, акцијата ќе се одржи на 25 јануари 2026 година (недела), во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Во организација на акцијата се вклучува Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв, при што особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.
„Доброволното крводарителство во Република Северна Македонија има една јасна и благородна цел – да се мотивираат што поголем број граѓани доброволно да даруваат крв, со што ќе се обезбедат неопходните количини крв и крвни продукти за навремено и успешно лекување на болните и повредените. Крводарителството ги негува вредностите на хуманост и солидарност, особено кај младите и придонесува за подигнување на здравствената култура и јавната свест. Крвта, како лек, сè уште е незаменлива и нејзиното обезбедување зависи исклучиво од хуманоста и добрата волја на крводарителите, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв. Затоа, мотивирањето и вклучувањето на населението во вакви акции е од исклучително значење за градење позитивен однос кон крводарувањето и за спасување човечки животи“, велат од Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба.
Од таму ги повикуваат сите хумани граѓани да учествуваат во оваа крводарителска акција и заедно, во духот на Тоше Проески, да покажеме дека хуманоста живее.
Текстот Крводарителска акција во чест на хуманоста на Тоше Проески во Домот на АРМ е превземен од МАКФАКС.























