Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека разговорите со Али Ахмети биле во врска со локалната самоуправа во Гостивар.

„Со Али Ахмети, прво разговаравме во врска со локалната самоуправа во Гостивар. Таму заеднички го поддржавме кандидатот од Алијанса. Градот има сериозни проблеми, потреби имаат граѓаните соодветни, реорганизација во однос на тоа како ќе се постави градоначалникот сега откако оваа наша поддршка му донесе и на него победа“, изјави Филипче.

Филипче, потенцираше дека нема никаква коалиција и изрази жалење што дел од политичките партии со тоа што отидоа на лидерската средба, летигимираа една власт која, како што кажа, е навлезена во корупција и ја држат земјата во изолација.

„Јас кажав во неколку наврати, жалам што партиите коишто отидоа таму легитимираат за една ваква власт, навлезена длабоко во корупција, којшто ја држат земјата во изолација и на некој начин во медиумски мрак благодарение на кампањите со лажни вести коишто ги прават преку своите медиуми. Мислам дека ниту една политичка партија не треба да даде поддршка на ваква власт, затоа што со оваа власт тендерска коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија нема иднина“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ обвини дека владата спиела две години и ништо не исполниле од реформската агенда.

„Имаа можност, 12 закони требаше да се донесат во 2025 година. Се донесе само еден на крајот на годината и тоа парцијално донесен, без сите препораки од Европската Унија, што е доказ дека тие само сакаат нешто да направат, евентуална реформа, колку да се каже дека нешто се работи од временската агенда, но не вистински да се реформира, посебно овој дел, во делот на правосудството, каде што граѓаните навистина очекуваат нешто вистински, позитивно да се случи“, рече Филипче.

Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема направено ниту еден чекор за почеток на преговорите со ЕУ.

„Значи, оваа влада, освен што по пола мандат, којшто веќе е поминат од четирите години од мандатот на Владата, не направи ништо со реформите, не направи ништо ниту пак со уставните измени за да ние почнеме вистинските преговори и отворањето на кластерите и поглавјата со Европската Унија“, рече Филипче.

Притоа, тој укажа дека во новиот извештај којшто е стигнат и најавата за работата на новото кипарско претседателство не е спомната Македонија.

„Се спомнува кратењето на фондовите од Европа, поради тоа што е владата ваква каква што е. Премиерот кажува реформска агенда. Сега требаше многу работи да се случат, за жал, разоткриени се. Ние ќе поддржиме сè што треба да се поддржи за да земјата тргне напред“, нагласи Филипче.

Текстот (Видео) Филипче: Жалам што дел од партиите легитимираа корумпирана и изолирана власт на лидерска средба е превземен од МАКФАКС.