Министерот за здравство Венко Филипче во гостување во вестите на ТВ Сител истакна дека денешниот почеток на вакцинацијата против ковид-19 во земјата е всушност почеток на последната фаза во борбата со пандемијата. Филипче рече дека за десет дена се навршува точно една година од првиот регистиран случај во нашата земја и потсети дека ова беше година на многу неизвесности- како да се одржи здравствениот систем стабилен, како да се спаси секој еден човечки животи.

Во однос на подготовките за процесот на вакцинација, Филипче изјави дека здравствениот систем е целосно подготвен.

-Се спремавме согласно сите препораки, од сите соодветни здравствени меѓународни институции, СЗО, производителите. Така го димензиониравме нашиот систем. Едноставно, го надградивме постоечкиот систем на имунизација. Низ неколку фази на едукација целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри коишто ќе работат на вакцинацијата. Целосно е поставена инфраструктурата и подготвени се пунктовите, вели министерот за здравство.

Филипче истакна дека, и покрај огромното искуство за имунизација со други вакцини, станува збор за специфичен процес.

Вакцинацијата почнува со здравствените работници кои работеле и работат со КОВИД пациенти. Тоа се здравствените работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница „8 Септември“, болницата во Козле, клиниките во склоп на интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Од следната недела и медицинските лица во болниците ширум државата, како и приватните болници.

-Ние за 10-тина дена се чини дека ќе бидеме една од ретките земји во Европа во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници коишто работат со ковид пациенти, согласно нашиот план, потенцираше Филипче.