Откако компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ побара извинување од СДСМ, од опозициската партија велат: „Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази. Станува збор за 51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра, и сите податоци се јавно достапни.
Петар Огњеновиќ рече дека фирмата може да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да бара извинување.
СДСМ прашува дали е спорен мандатот на Доновски како член на избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дали станува збор за клевета или за факти што, како што тврдат, укажуваат на тендерски шеми.
Според СДСМ, сопругата на Доновски е сопственичка на три фирми, а една од нив, „Аксес инженеринг груп ДОО увоз-извоз Скопје“, е основана во 2019 година со Филип Гулевски, кој подоцна станал сопственик и на „Аксес констракшн груп увоз-извоз Скопје“.
СДСМ тврди дека оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од 1,1 милион евра за спортски сали во Крушево и Аеродром, доделeн од Министерството за спорт.
Од партијата порачуваат дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со јавно објавување на информации и докази, наведувајќи дека, според нив, „работата не е завршена“.























