Во втората недела од 2026 година, состојбата со грипот во земјава се наоѓа на ниво на средна активност, со зголемен број на заболени, но без потреба од воведување претерани мерки, изјави д-р Драган Кочински од Институт за јавно здравје.
Од 5 до 11 јануари регистрирани се вкупно 2.322 заболени лица, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во споредба со истата недела претходната сезона, бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати.
Највисока инциденца на заболување се бележи кај децата на возраст од 0 до 4 години. Заболени лица се регистрирани во 25 региони во државата, при што најмногу регистрирани случаи има во Скопје, а само во Берово, Пехчево и Делчево досега нема ниту еден регистриран случај.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за продолжување на зимскиот распуст, д-р Кочински истакна дека иако растот на бројот на заболени е забележан неколку недели порано од вообичаено, нема потреба од таква мерка.
„Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа засега не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе дадеме соодветни препораки“, изјави тој.
Во однос на училиштата и градинките, од ИЈЗ апелираат децата со симптоми на акутно заболување да не се носат на настава, со цел да се спречи ширењето на заразата.
Како општи мерки се препорачуваат избегнување на простории со голем број луѓе, редовно проветрување, консумирање витамини и минерали, како и останување дома во случај на заболување. Доколку симптомите се влошуваат или не се повлекуваат, граѓаните се упатуваат да се јават кај матичен лекар или инфектолог.
Најдобра заштитна мерка, според здравствените власти, и понатаму останува вакцинацијата.
Од ИЈЗ посочуваат дека пикот на грипот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари.
Текстот ИЈЗ: Нема потреба од продолжување на зимскиот распуст, грипот на ниво на средна активност е превземен од МАКФАКС.























