Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Текстот Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада е превземен од МАКФАКС.






















