Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.

Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.

На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.

Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.

„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.

Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.

„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.

Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.

Текстот Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица е превземен од МАКФАКС.