Министерот за европски прашања, Беким Сали, денес оствари средба со Амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.

На средбата се разговараше за приоритетите на министерот Сали во процесот на европска интеграција, вклучително и забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за Реформската агенда и Реформско-растечкиот механизам.

Министерот Сали ја нагласи важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.

Разговорот беше посветен и на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамки на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година), преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.

Министерот Сали и амбасадорката Филипиду ја оценија како исклучително важна соработката во рамки на INTERREG IPA Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Грција, истакнувајќи ги проектите кои придонесуваат за подобрување на јавната инфраструктура, заштита на животната средина, развој на образованието и иновациите, како и зајакнување на локалното и регионалното управување во прекуграничните области.

Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ, министерот Сали ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.

На крајот од средбата, двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка, во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи.

Текстот Средба на министерот Сали со грчката амбасадорка Филипиду: нагласена важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ е превземен од МАКФАКС.