Пишува: Никица Корубин

Реферирањето на “меѓународниот правен поредок” редовно се однесува на однесувањето на Соединетите Американски Држави кон “другите”. И на никој друг. Од нивното поведение се гради реперот за тоа што е “меѓународен правен поредок”. Само ним, никогаш не им се простува ништо, што на другите така лесно им се “прогледува низ прсти”. Нивните постапки се секогаш “империјални” и “лукративни”, за разлика од постапките на другите кои се “суверенистички” и “национално легитимни”.

Па, оттаму делува речиси комично кога интервенцијата на САД врз нелегитимниот режим во Венецуела се третира како “нарушување на меѓународниот правен поредок”, ама постоењето на нелегитимен, авторитарен и опресивен режим во истата држава не се третира како “нарушување на меѓународниот правен поредок”. Што не’ доведува до прашањето: на што се темели меѓународниот правен поредок?

На формални правила и договори или на вредности? Па, самата Повелба на Обединетите нации, освен што говори за мир, начела на правдата и меѓународното право; говори и за “развивање и поттикнување на правата на човекот и темелните слободи за сите”. Па, тогаш кој го нарушува меѓународниот правен поредок со години, тие што ги почитуваат и се борат за овие вредности, или тие што ги суспендираат и негираат овие вредности?

Меѓународниот правен поредок, означува суштинско обединување околу вредности, а не околу правото секој да “прави што сака во сопствениот двор”. Затоа што инсистирањето на суверноста на државите, не значи по автоматизам амнестија за авторитарно и тоталитарно поведение внатре во државите. Барем би требало да е така. Затоа што, како тогаш се остваруваат основните вредности на Обединетите нации – “правата на човекот и темелните слободи за сите”? И дали всушност тоа е првичното нарушување на меѓународниот правен поредок, а не реакцијата на таквото поведение, кое не само што ги загрозува народите и граѓаните на тие држави, туку го загрозува и елементарниот вредносен систем на кој почива меѓународниот правен поредок?

Затоа што “меѓународниот правен поредок” не е прост збир на држави на едно место, туку систем на вредности и правила, врз основа на кои треба да функционираат цивилизирани општества. И ако е така, дали инсистирањето на тие правила, е “загрозување” или “спасување” на меѓународниот правен поредок? И зошто систематското загрозување на тие правила од различни држави, со децении, еднакво не се третира како “загрозување на меѓународниот правен поредок”?

Американската војска, после блиц-криг интервенцијата во Венецуела го спроведе Николас Мадуро на судско рочиште, воведувајќи го низ механизмите на судскиот систем на едно демократско општество. Авторитарната власт на ајатолосите во Иран, ги егзекутира сопствените граѓани на улиците на иранските градови, и се спрема за линч на уапсените, без било каков судски систем на едно цивилизирано општество, какво што треба да биде Иран, според “правилата на меѓународниот правен поредок”? Па, зошто тогаш нема повик до нив, за “нарушување на меѓународниот правен поредок”?

Зарем имаат суверено право да прават што сакаат, надвор од цивилизациските правила на “меѓународниот правен поредок”? И, ако е така, тогаш кој го нарушил меѓународниот правен поредок, уште пред многу години? И како тој “меѓународен правен поредок” да се спаси, со “моќта на вредностите на кои почива” или со “слабоста на правилата кои се брутално и арогантно злоупотребени”?

Времето на комоција, лицемерие и лажна грижа е одамна поминато. Разликата во реакцијата на “американските и европските прогресивци” на случувањата во Иран, во однос на случувањата во Газа е толку драстично и радикално различна, колку што е всушсност различна “вистинската vis a vis лажната” грижа за ефективен и функционален меѓународен правен поредок. Затоа што жртвата е секогаш некој друг, а соучесништво преку “подобно морално поведение” е лажно достатно како супститут за спремност за вистинска жртва, каква што е сега борбата во некогашната славна Персија.

И во пауза од ламентирањето и оплакувањето на “меѓународниот правен поредок”, можеби треба да се обрне внимание, дека всушност на еден брутален, директен и неконформистички начин, всушност сведочиме на битка за спас на “меѓународниот правен поредок”. На вредностите и на суштината на “западната цивилизација”. Кое е единствениот место каде што може да говориме за и да ги практикуваме “правата на човекот и темелните слободи за сите”, на кој почива тој меѓународен правен поредок.

Тешко е и мачно е? Не е модерно и демагошки исправно? Е па таква е суштината на вредностите и борбата за нив. Не е ПР приказна од “безбедна дистанца” приватно и колективно, не е позирање и глумење; туку е жестоко и отрезнувачки. Кои се вредностите кои ги пропагираме и кои се вредностите според кои сме спремни да живееме. И ние како индивидуалци и другите како нас, во општествата за кои сме толку загрижени. И каков е патот да го сочуваме она за кое толку (малку) сме свесни и спремни.