Историјата на слаткото кондензирано млеко е многу интересна и воопшто не е поврзана со некоја кулинарска цел. Наводно прв пат е произведено за да ги одржува во добра форма војниците на Наполеон Бонапарта.

Profimedia

Според легендата кондензираното млеко е дело на кулинарот и трговец Никола Апер. Неговото млеко многу им се допаднало на војниците и не останало незапаметено од страна на императорот. Тој самиот го поддржал трудот на Апер со награда и пофалба. Млекото било многу ценето поради содржината на корисни материи. Додека траеле светските војни, конзерви со вакво млеко не им се давале само на војниците, туку и на ранетите за побрзо да оздрават.

Извор на корисни микроелементи

Кондензираното млеко е згуснато, делумно дехидрирано млеко кај кое масленоста е пониска од 7,5 отсто. Ова млеко е познато уште како слатко млеко или дулче де лече.

Овој млечен производ со светложолта до карамел боја може да содржи шеќер или да не е засладено. Конзистенцијата му е густа, кремаста. Вкусот му е деликатен, сладок (кога е засладено) и пријатен. Мирисот е нежен и одвај забележлив. Како производ најмногу се користи во слаткарството и тоа во кремови, торти и други слатки задоволства.

Во состав на кондензираното млеко влегуваат јаглехидрати, масти и протеини. Тоа е изовр на калциум, железо, фосфор, калиум и натриум. Во него има и витамин А, Б1, Б2, Б6, Ц, Д и Е.
Производниот процес вклучува неколку основни етапи. Незасладеното кондензирано млеко се спрема од свежо млеко. Тоа се прочистува од механичките примеси и се пастеризира десеттина минути. На тој начин се отстрануваат вегетативните форми на микроорганизми. Потоа млекото се згуснува така што до пола количина вода во него да е отстранета. Кога добиениот производ ќе се излади, се полни во конзерви. Тие се затвораат и стерилизираат, па се варат не повеќе од 20 минути на температура од 110-115 степени. Во тоа млеко има и солена нота, а конзистенцијата потсетува на слатка павлака. Засладеното кондензирано млеко се добива на идентичен начин, но со таа разлика што по пастеризирањето во течноста се додава шеќер. Освен тоа може да му се додаде и некој дополнителен мирис или боја.

Избор и чување

На пазарот може да се најдат разни видови кондензирано млеко. Достапно е во херметички затворени конзерви со различна грамажа. Пред да го купите проверете да не е поминат рокот на употреба. Обично добро е за консумација 6-7 месеци од датумот на производство. Се чува во фрижидер, особено по отворањето. Кај овој вид млеко можат да се појават мани како нарушување на казеинот, потемнување на млечната супстанца, појава на метален вкус од долго чување во конзерва.

Користење

Густата кремаста конзистенција на кондензираното млеко дозволува да се користи во различни кулинарски експерименти. По правило инаку се користи за многу десерти како кремови, пудинзи, сладоледи, мусови, торти, чизкејкови, ролати и др. Се користи за овошни салати, а исто така за преливање на вафли и палачинки. Љубителите на топли напитоци го препорачуваат за помек вкус на кафето или капучиното. Незасладеното се користи за млечни сосови или пире од компир, морков, тиквички и друг зеленчук.
Според научниците ова млеко е здраво и хранливо бидејќи има витамини, заситени масни киселини и микроелементи. Препорачливо е за вегетаријанци. Сепак прекумерната консумација на засладеното кондензирано млеко може да доведе до несакани последици како прекумерна тежина или забен кариес.