Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.

„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:

· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.

ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:

* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.

* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.

* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.

* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.

За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.

Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.

Текстот ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност е превземен од МАКФАКС.