Биолозите велат дека случајното откривање на морски живот на карпа под мразот на Антарктикот го доведува до прашање нашето досегашно разбирање за тоа како организмите можат да живеат во средини далеку од сончевата светлина, пишува „New Scientist“.

Тим научници пробушиле ледена плоча со дебелина од 900 метри и во дупката спуштиле камера во потрага по кал на морското дно. На нивно изненадување, камерата открила карпа, опкружена со животни.

На видеата се гледаат 16 сунѓери, како и 22 неидентификувани животни, меѓу кои би можеле да бидат и без`рбетници. Ова е првпат да се најде ваква форма на живот под ледената покривка на Анарктикот.

Постојат различни причини зошто овие суштества не треба да бидат таму“, вели Хју Грифитс од „British Antarctic Survey“ кој ги анализирал снимките.

Тој верува дека животните, кои веројатно се хранат со филтрирање, преживуваат со хранливи материи во водата од -2 степени црлзиусови.

Но, мистеријата е дека тие се крајно далеку од очигледните извори на хранливи материи, со оглед на фактот дека карпата се наоѓа 260 километри од отворената вода на ледената плоча, каде што можат да преживеат фотосинтетички организми.

youtube
Принтскрин / Youtube

Со оглед на она што е познато за океанските струи во областа, се чини дека најблискиот извор на сончева светлина е оддалечен 600 километри.

Сè уште не е јасно дали животните пронајдени на карпата се нови во науката и колку долго живеат. Некои морски сунѓери на Антарктикот се стари десетици илјади години. Исто така научниците велат дека не се знае колку често се хранат, било да е тоа еднаш годишно, деценија или век.

Ова откритие е од големо значење затоа што сугерира дека животот во најтешките средини на Антарктикот е поприлагодлив и поразновиден отколку што се сметаше порано.

Сè е покомплексно отколку што мислевме…“, велат научниците.

Учењето повеќе за тоа како организмите се прилагодиле на нивниот леден дом, далеку од храна, исто така може да ни даде одговори на прашањата за тоа како животот се развивал за време на ледените времиња над стотици милиони години.

Грифитс сега сака повнимателно да ги проучи овие животни. Но, нема да биде лесно на такво далечно и сурово место: малите далечинско управувани камери (ROV) спуштани во избушената дубка се една опција што може да даде одговори.