Турција е единствената што може директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот лидер Володимир Зеленски, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека земјата останува можен домаќин на идните мировни преговори и дека може да обезбеди поддршка во следењето на каков било прекин на огнот меѓу страните во конфликтот.
Ердоган изјави за Блумберг дека балансирањето на односите со Русија и сојузниците во НАТО останува предизвик за Турција, особено од почетокот на војната во Украина во 2022 година. Тој нагласи дека Турција дејствува „избалансирано и претпазливо“ во енергетиката со цел да ги заштити националните интереси и безбедност, имајќи предвид дека земјата покрива значителен дел од своите потреби за нафта со увоз. Тој додаде дека предложената меѓународна стабилизациска мисија во Газа тешко може да добие легитимитет без учество на Турција.
„Нашата историска врска со палестинската страна, каналите на безбедност и дипломатија што ги развивме со Израел и нашето влијание како членки на НАТО нè прават клучен актер за ваков вид мисија. Нашата политичка волја е јасна, ние сме подготвени да ја преземеме одговорноста за траен мир во Газа“, рече Ердоган, според Танјуг.
Тој исто така, апелираше за враќање на Турција во американската програма за борбени авиони Ф-35, што, според него, би ги зајакнало врските со САД и НАТО за безбедност.
Ердоган изјави дека лично разговарал за ова со американскиот претседател Доналд Трамп и оценил дека исклучувањето на Турција од програмата поради купувањето на руски системи С-400 е „неправедно“.
Друг предизвик во односите меѓу САД и Турција, вели турскиот лидер, е прашањето за државната банка на Турција, обвинета за наводно кршење на санкциите воведени врз Иран.
Ердоган рече дека Турција ги смета обвинувањата за неосновани и преговара за заштита на банката од „неправедни казни“.
На крајот, Ердоган нагласи дека Турција дејствува во согласност со сопствените национални интереси, енергетската безбедност и меѓународните правила, а сите дипломатски и воени иницијативи се насочени кон зачувување на стабилноста во регионот, зајакнување на врските со НАТО и САД и балансирање на односите со Москва.
Текстот Ердоган: Турција е единствената што може директно да разговара и со Путин и со Зеленски е превземен од МАКФАКС.























