Европските земји се подготвени да испратат меѓу 10.000 и 15.000 војници во Украина во првите шест месеци по прекинот на борбите, во рамки на безбедносните гаранции, пишува германскиот весник „Ди Велт“.
Како што наведува весникот, овие сили би имале задача да го надгледуваат можниот прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Според информации од дипломатски кругови во Брисел, плановите за тоа како би изгледале безбедносните гаранции за Украина веќе се подготвени.
„Плановите главно ги развиле воени експерти од вооружените сили на Обединетото Кралство и Франција, во соработка со Брисел“, изјавиле дипломатски претставници запознаени со текот на преговорите.
Се наведува дека токму Франција и Обединетото Кралство се подготвени, доколку биде потребно, да го надгледуваат почитувањето на прекинот на огнот со користење копнени сили.
Проценките се дека бројот на војници во мисијата би изнесувал меѓу 10.000 и 15.000 во првите шест месеци по завршувањето на конфликтот.
Дополнително, дипломатските извори истакнуваат дека Франција и Обединетото Кралство се подготвени да учествуваат во надзорот на прекинот на огнот дури и без мандат од Обединети нации или Европска Унија.
За започнување на мисијата би бил доволен само повик од Украина. Надзорот на прекинот на огнот од воздух и од море би го обезбедувале државите што граничат со Украина, додека Турција исто така има важна улога во развојот на плановите, бидејќи би можела да го надгледува регионот на Црното Море.
Текстот Европските земји подготвени да испратат до 15.000 војници во Украина по прекинот на огнот е превземен од МАКФАКС.























