2025 година ќе остане запаметена по тешката трагедија што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која ја потресе целата земја. Во раните утрински часови, за време на настап на македонската група ДНК, пиротехнички средства што беа употребени на сцената го запалија таванот на клубот исполнет со млади луѓе.

Пожарот бргу се прошири и предизвика густ чад, паника и обид за бегство низ тесниот единствен излез. Во трагедијата загинаа 63 лица, претежно млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави најсмртоносната цивилна катастрофа во историјата на земјата од овој тип.

Истрагата подоцна покажа дека дискотеката работела без соодветни дозволи и противпожарни стандарди. Според обвинението, овие пропусти и системски недостатоци имале влијание врз исходот од настанот.

Трагедијата предизвика национално тажење, протести и подигнување на јавна дебата за безбедноста на јавни простори и институционалната одговорност. Подоцна, повеќе лица, меѓу кои ексфункционери и државни службеници, беа обвинети за злоупотреби поврзани со работата на клубот. Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот не призна вина. Судскиот процес за пожарот е во тек.

Текстот Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 63 загинати и над 200 повредени е настан што ја одбележа 2025 година е превземен од МАКФАКС.