Погрешната политика на сегашното раководство на Европската Унија ја доведе Европа во длабока криза и создаде реална закана од избувнување војна на континентот, оцени унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нагласувајќи дека унгарската влада останува цврсто посветена на зачувување на својата независна и суверена позиција во рамките на ЕУ.

Сијарто, во објава на социјалните мрежи, истакна дека Брисел со години дава, како што наведе, погрешни одговори на клучните прашања што ја одредуваат иднината на Европа.

„Војна, миграција и енергетска безбедност – без да навлегувам во детали, Брисел редовно прави грешки во одговорите на овие прашања, со што го поткопува просперитетот на европските нации и, во суштина, ја загрозува иднината на целиот континент“, рече шефот на унгарската дипломатија.

Според него, последиците од таквата политика се веќе видливи: европските земји, тврди тој, сè повеќе се лизгаат кон војна, западните градови се преплавени со мигранти, додека сметките за енергија низ целиот континент продолжуваат да растат.

Министерот потсети дека Унгарија јасно ги дефинирала своите приоритети – да се држи подалеку од војна, да не прифаќа мигранти и да не се откажува од руските енергетски извори, за, како што изјави, граѓаните да имаат најниски трошоци за комунални услуги во Европа.

„Имаме национална влада и се потпираме на здравиот разум и реалноста, грижејќи се за едно нешто – интересите на унгарскиот народ“, рече Сијарто.

Тој оцени дека неуспешните политики на Брисел, кои ја доведоа Европа во криза, се сè поочигледни и дека, како што рече, на континентот започна „патриотска револуција“, кон која се приклучуваат сè поголем број земји.

Во овој контекст, Сијарто нагласи дека парламентарните избори во Унгарија, планирани за април 2026 година, ќе имаат одлучувачко значење, бидејќи, според него, тие ќе одлучуваат за прашањето за војна и мир. Тој предупреди дека доаѓањето на власт на опозицијата би значело прифаќање на политиката на Брисел, која, тврди тој, би ја загрозила безбедноста не само на Унгарија, туку и на цела Европа.

„Ова би значело испраќање пари, оружје и војници во Украина, прифаќање мигранти и исклучување на Унгарија од руските енергетски резерви“, рече Сијарто.

Текстот Сијарто: ЕУ го води континентот во војна, миграција и енергетски хаос е превземен од МАКФАКС.