Опозициската Движење самоопределување на чие чело е поранешниот премиер Албин Курти, на вчерашните вонредни парламентарни избори ја постигна досега најубедливата победа во историјата на независно Косово.

Во коалиција со партијата на Курти на овие избори беше независната листа на досегашната собраниска спикерка и вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи, која се одметна од матичната ЛДК откако таа партија минатата година ја презеде власта во земјата на тој начин што го урна кабинетот на Курти.

Според проекциите на медиумите, засновани на прелиминарните резултати, Самоопределување ќе освои меѓу 55 и 58 пратенички места во Парламентот, што значи дека и покрај убедливата победа сепак нема да може да формира влада без поддршка од друг политички субјект.

Според косовскиот Устав, 10 пратенички места се гарантирани за претставниците на српската заедница и тие, како и досега, сигурно ќе ги освои партијата Српска листа (СЛ), која ја има отворената поддршка на официјален Белград и на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Уште 10 пратеники места уставот им гарантира на помалите етнички заедници во земјата и засега нема информации кои субјекти ќе ги освојат истите.

Правото на глас на овие избори, на кои учествуваа 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и пет граѓански иницијативи, го искористија 46,9 отсто, односно околу 830 илјади од вкупно речиси 1,8 милиони граѓани со право на глас.