Во златните години актерката конечно го нашла својот мир, се посветила на сликањето, а сеќавањата на снимањето филмови станале мотиви на нејзините слики. Но, таа дури сега ги открива советите на својот ментор, филмскиот могул кој и денес го почитува. Упатствата за снимање одредени сцени биле „Тоа е мистерија“ што неа ја излудувало, а сега сфаќа дека филмот, уметноста и животот се токму она што го говорел – мистерија.

Profimedia

Откако го напуштила Холивуд во 1966 година, многумина се прашувале зошто си заминала, каде е и што работи Ким Новак (87). Таа заклучила дека по толку години, сега е време да ја задоволи љубопитноста на обожавателите што во неа гледаа наследничка на Мерилин Монро и сè уште ѝ пишуваат, како да не ѝ затворила врата на филмската кариера во врвот на славата. Одговорот на тие прашања холивудската икона, која глумеше со Џејмс Стјуарт, Френк Синатра, Вилијам Холден и Џек Лемон, ги откри во новата книга „Ким Новак: Нејзината уметност и живот“, а по тој повод ги отвори вратите од својот дом и им дозволи на медиумите да ѕирнат во нејзиниот свет.

Станува збор за сликарско ателје во интимен простор, кој го делела со неодамна починатиот сопруг Роберт Малој (80). Живееле повлечено, опкружени со природа и животни, а по смртта на мажот со кој делела цели 44 години живот, од 1976 до 2020 година, утеха нашла во својата втора најголема љубов, сликарството.

Долго време ме убедуваа да напишам холивудска приказна. Не дека немав потреба да го споделам со другите тоа што ми е важно, но сакав тоа да го направам со свои зборови и на свој начин – ја започнува својата исповед актерката со чешко потекло чие вистинско име е Мерилин Полина Новак.

Првиот обид да напише такво дело пропаднал поради пожарот пред 21 година, кога ѝ била уништена дрвената куќичка во Игл Поинт во Орегон, која ја делела со сопругот. За среќа, поминале без повреди, но ракописот, книгите и заедничките спомени исчезнале во пожарот предизвикан од проблем со електричната инсталација.

Но, овој пат ја завршила книгата.

Зошто го напуштив Холивуд? Се чувствував како да се губам, стана опасно да се биде дел од таа сцена. Токму тогаш поради лизгање на земјиштето ја изгубив куќата во Бел Ер, непосредно откако ја купив, што го протолкував како знак. Си реков себеси: „Ова ми е шанса да го повлечам долго очекуваниот потег – изјави актерката од филмот „Вртоглавица“ во кој глумеше со Џејмс Стјуарт.

Сцените од тој филм станале мотив на нејзините платна и болно искрен увид во она што тогаш го чувствувала. Таа вели дека се борела со двојна личност: дел од неа бил актерка, а другиот дел сакал да слика и да живее во својот уметнички свет.

Уметноста ме опседнува уште од детството. Бев лоша ученичка, но ликовно беше единствениот предмет што ми одеше. Години подоцна уметноста уште повеќе ме привлекуваше. Подготвувајќи се за улоги, своите ликови прво ги скицирав на хартија. Првата работа што ја направив првото утро откако се разбудив по заминувањето, беше поставувањето на штафелајот и уживање во погледот низ прозорец. Холивуд ви нуди пари и престиж, но ништо не може да се спореди со она чувство кое го имав првото утро од своето ново животно поглавје – открива актерката и додава дека никогаш не се чувствувала пријатно во улогата на секс симбол. Таа вели дека најголема помош при снимањето филмови имала од колегата Џејмс Стјуарт, со кој се појави и во филмот „Ѕвонче, книга и свеќа“.

Тој беше најдобрата личност што некогаш сум ја запознала. Многу ми помогна. Се трудеше додека работиме да се чувствувам потполно смирено и добредојдено. Ми даваше самодоверба, но и ме охрабруваше да продолжам да сликам – вели актерката, која на почетокот била воодушевена да се облекува гламурозно и да му се воодушевува на одразот во огледало, но тоа истовремено било застрашувачко. Со текот на времето престанала да си се сака себеси. Не сакала да биде само убава, туку и да биде своја.

EPA/MICHAEL NELSON

Сега сум помирна. Веќе не сум млада и гламурозна – вели таа и открива дека зборовите на Алфред Хичкок, режисерот на „Вртоглавица“, ги сфатила дури подоцна во своите „златни години“. Кога еднаш го прашала да ѝ објасни нешто на сетот, тој ѝ рекол: „Тоа е мистерија“. Не го пуштала на мира додека не ѝ одговори, но филмскиот могул бил упорен во своето толкување на филмот.

Беше во право. Научив да ја ценам мистеријата. Животот е мистерија, а стануваше и дел од моите слики – заклучува Ким Новак.