ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.

Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.

Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.

За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.

„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев е превземен од МАКФАКС.