Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека одлуката на Европската Унија да ѝ обезбеди на Украина бескаматен заем во износ од 90 милијарди евра е „јасен сигнал од Европа“ до рускиот претседател Владимир Путин.

Мерц го објави ова на својот профил на социјалната мрежа Икс, нагласувајќи дека финансискиот пакет за Киев е веќе готов.

„Финансискиот пакет за Украина е готов: Украина ќе добие бескаматен заем од 90 милијарди евра, како што предложив. Ова е јасен сигнал од Европа до Путин“, рече германскиот канцелар.

Тој додаде дека Европската Унија ќе продолжи да ги чува замрзнатите руски средства сè додека, како што рече, Русија не ѝ плати компензација на Украина.

Одлуката на Брисел предвидува дека средствата за заемот ќе бидат обезбедени со задолжување на финансиските пазари, со гаранции од буџетот на Европската Унија, а не директно со користење на замрзнатите руски средства.

Некои европски медиуми претходно ја оценија оваа одлука како политички удар врз Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои се залагаа за кредитен модел базиран на идни репарации. Во овој контекст, беа посочени и обидите за притисок врз белгискиот премиер Барт де Вевер да поддржи таков пристап.

Фото: депозитфотос

Текстот Mерц: Бескаматниот заем за Украина, политичка порака до Русија е превземен од МАКФАКС.