Насер Селмани
Минатата недела поранешниот претседател Стево Пендаровски и британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, упатија сериозни и речиси идентични предупредувања за руското хибридно влијание врз информацискиот систем на Северна Македонија.
Во интервју за „Цивилмедиа“, Пендаровски беше директен: Северна Македонија, одамна функционира како прокси-држава на Русија. Слична оценка даде и амбасадорот Лосон, кој во присуство на премиерот Мицкоски истакна дека Русија има едно од најмоќните странски влијанија во земјава како земја членка на НАТО. Тој појасни дека централниот механизам на тоа влијание е руската пропаганда што ја оправдува агресијата врз Украина.
На експертската конференција во Скопје за хибридните закани, Лосон нагласи дека дезинформациите и манипулациите директно ги поткопуваат демократските процеси, го попречуваат пристапот до веродостојни информации и ги спречуваат граѓаните да учествуваат во јавната дебата за важни прашања.
Важно е да се потенцира дека Пендаровски е првиот висок македонски политичар што отворено проговори за длабочината на руското влијание – и тоа врз основа на разузнавачки информации од домашните и НАТО-сојузничките служби.
Слични предупредувања годинава упати и Европската унија во годишниот извештај, каде што се нотира дека „Српскиот свет“ го поткопува суверенитетот на Северна Македонија. Како носител на оваа политика беше посочен вицепремиерот Иван Стоилковиќ, кој отворено поддржува идеи за прекројување на границите на Балканот и има директни врски со официјална Москва.
Но наместо сериозен институционален одговор, политичкиот естаблишмент најчесто реагира со игнорирање или потценување на овие предупредувања. Кога Европскиот извештај беше објавен, премиерот Мицкоски прво не веруваше дека таква оценка воопшто постои, а потоа се обиде да ја минимизира.
Сепак, на конференцијата во Скопје тој делумно го смени тонот, признавајќи дека дезинформациските кампањи претставуваат безбедносен предизвик што не може да се надмине со молк. Истовремено, упати на недостаток на ресурси и кадар, но не и на конкретна политичка акција.
Досега, реална акција практично и нема. Напротив, долго време преовладуваше молк и одбивање да се соочиме со реалноста. Дали тоа беше резултат на незнаење или на свесно толерирање на руско-српското хибридно влијание останува да се види.























