СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Текстот (Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“ е превземен од МАКФАКС.






















