Постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Проневера во службата.

„Постои основано сомнение дека тој во временскиот период од 01.01.2020 година до 31.12.2021 година, во својство на службено лице – самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата“, соопшти обвинителството.

Тој во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и истите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.

Текстот Нова истрага за проневера во прилепската болница: референт украл 15 милиони денари од наплати на шалтер е превземен од МАКФАКС.