Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека руските претставници мора да бидат исклучително внимателни поради заканата од прислушување од страна на странски разузнавачки агенции.

„Разузнавачките агенции си ја работат својата работа. Особено непријателските. Ова бара руските претставници да бидат исклучително внимателни“, рече Песков, реагирајќи на неодамнешната изјава на раководителот на главниот разузнавачки оддел на Министерството за одбрана на Украина, Кирил Буданов, дека официјален Киев можеби ги прислушкува претставниците на Кремљ, пренесува Интерфакс.

На крајот на ноември, порталот „Блумберг“ објави транскрипти од телефонски разговори наводно водени меѓу специјалниот претседателски претставник на САД, Стив Виткоф, и помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, и специјалниот претседателски претставник, Кирил Дмитриев.

Иако Ушаков не ги коментираше разговорите, тој призна дека доста често комуницира со Виткоф, вклучително и преку социјалната мрежа WhatsApp. Ушаков посочи дека информациите протекуваат од некаде или прислушувањето го вршат „оние кои се заинтересирани да го нарушат дијалогот меѓу Русија и САД“.

Фото: депозитфотос

Текстот Песков повика на претпазливост поради можно прислушување од страна на странски служби е превземен од МАКФАКС.