Една од најтешките трагедии во поновата историја на Хонг Конг – пожарот во станбениот комплекс „Ванг Фук Корт“, во кој загинаа најмалку 159 лица – добива нова димензија, откако документи до кои дојде Ројтерс покажуваат дека станарите биле погрешно информирани за безбедносната историја на фирмата ангажирана за реновирање.

Погрешни информации за „чиста“ историја

Консултантската фирма Will Power Architects, која била ангажирана да ги процени понудите за реновирањето, во презентација до станарите навела дека изведувачот Prestige Construction & Engineering нема никакви прекршоци.

Но, регистарот на трудовиот инспекторат покажува сосема поинаква слика: фирмата била казнета повеќе од 15 пати во период од седум години за сериозни прекршувања на индустриската безбедност — од неправилно поставено скеле, до небезбедни електрични врски. Prestige бил казнет со вкупно 309.000 хонгконшки долари.

Сомнителни материјали и опасни практики

По пожарот, властите утврдиле дека дел од материјалите што ги користел изведувачот биле запаливи, а дел од заштитната мрежа поставена околу зградите немала противпожарна сертификација.

Властите дури тврдат дека изведувачот се обидел да ги измами инспекторите, мешајќи материјал од слаб квалитет со стандардна мрежа за да изгледа како да ги исполнува пропишаните норми.

Станарите, меѓу кои имало и пензионери со долгогодишно искуство во градежништво, повеќе пати се жалеле на:
– работници кои пушат на скеле,
– запаливи материјали користени на покриви и околу прозорци,
– сомнителни електрични инсталации,
– пренатрупано скеле со небезбедна конструкција.

Некои од станарите се обидувале сами да се заштитат – ваделе запаливи панели, ги мокреле заштитните мрежи за да се намали ризикот од искра. Но, нивните обиди биле игнорирани или протолкувани како претерани.

Борба за смена на управата

Во текот на 2024 станарите се обиделе да ја сменат управата на комплексот, која го поддржувала изведувачот и одбивала да свика итен состанок. Иницијативата настанала откако трошоците за реновирањето двојно се зголемиле, без јасни објаснувања.

Состанокот бил одржан дури по седум месеци, присуствувале над 1.200 луѓе, и на крајот била избрана нова управа.

Сепак, договорот со изведувачот не бил раскинат — адвокат ги предупредил станарите дека би можеле да сносат огромна колективна финансиска одговорност.

Истрага за убиство од небрежност и корупција

По трагедијата, започнати се истраги за убиство од небрежност и корупција. Уапсени се лица поврзани и со Will Power и со Prestige, но засега без официјални обвиненија.

Се истражуваат неточни информации во процесот на избор на изведувач, прикривање на претходни казни, користење материјали кои не смееле да се употребат.

Текстот Трагедијата во Хонг Конг открива системски пропусти: од фалсификувани податоци до корупција и опасни материјали во реновирањето е превземен од МАКФАКС.