ИТ секторот има огромен потенцијал за раст, но и значајна општествена моќ да придонесе за унапредување на образовниот систем и подготовка на идните генерации. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на панел дискусијата „Кој ќе ја кодира иднината? – Едукација, кадар и потребите на ИКТ индустријата“, што се одржа во рамки на 20-та годишна конференција на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.

Министерката нагласи дека новата Стратегија за образование 2026–2032 става силен фокус на развојот на дигиталните вештини кај младите, при што во периодот што следи очекува засилена поддршка од ИТ индустријата.

„Образованието е заедничка општествена одговорност. ИТ секторот има моќ, може и треба да помогне во неговиот развој“, рече Јаневска.

Таа потсети дека министерството во изминатата година и половина работеше на интегрирање на вештачката интелигенција во образованието. Притоа е подготвено упатство за етичка примена на ВИ алатките за наставници, стручни соработници и ученици, а се организирани и бројни обуки за наставниот кадар.

Укажа дека постои дигитален јаз помеѓу училиштата во различни региони – резултат на нерамномерни вложувања во минатото, што пак влијае децата да имаат и различно ниво на дигитални знаења.

„Нашата цел е тој јаз да го намалиме со оптимизација на училишната мрежа и со нови инвестиции. Со оптимизацијата, учениците од помали подрачни училишта ќе се приклучуваат кон најблиските поголеми или кон централните училишта со подобри услови, во кои има интерактивни табли, современи компјутери, проектори, безбеден интернет и слично. Во 2024 и 2025 година, Министерството веќе ја подобри ИТ инфраструктурата во 100 училишни објекти и овој процес ќе го продолжиме и во 2026та“, рече Јаневска.

И покрај очекуваното зголемување на буџетот за образование и следната година, министерката порача дека секоја дополнителна поддршка од бизнис заедницата е добредојдена, особено кога станува збор за дигитализација на училиштата.

Министерката најави и дека очекува компаниите од ИКТ индустријата, заедно со образовните и научните установи, да се вклучат во формирањето на првиот научно-технолошки парк во државата – место каде што науката и бизнисот ќе создаваат иновации и ќе реализираат проекти од национален интерес.

На панел дискусијата, покрај министерката, учествуваа и деканите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Петре Ламески, и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), проф. д-р Благој Ристевски.

Текстот Јаневска: ИКТ индустријата со вложување во образованието, инвестира во кадри што ѝ се потребни е превземен од МАКФАКС.