ЦИВИЛ го објавува првиот дел од големото ексклузивно интервју со проф. д-р Стево Пендаровски, поранешен претседател на Република Северна Македонија и еден од најискусните аналитичари за безбедност, разузнавање и геополитика во регионот и пошироко.
Во ова интервју Пендаровски проговори отворено, аргументирано и со невидена прецизност за хибридните операции што ја погодуваат земјата – и ги изговори можеби најострите предупредувања досега.
„Кратко и јасно! Македонија е одамна прокси-држава. Не е само транзиторна држава или држава реципиент на пропаганда и хибридни закани, и тоа се одвива минимум во последните 7-8 години“, вели Пендаровски на самиот почеток на интервјуто за ЦИВИЛ.
Ова е само еден од неговите заклучоци кои говорат за драматичната состојба во која се наоѓа земјата. Во првиот дел од интервјуто, кој го објавуваме денеска, Пендаровски дава историски контекст како Москва и Белград со години ја моделираат реалноста во Северна Македонија, преку политички структури, медиуми, разузнавачки операции и целосен наративен инженеринг.
Ова е разговор што нема да го видите на традиционалните медиуми, ниту во контролирани ТВ студија каде прашањата – а и одговорите – се однапред познати. Интервјуто во себе содржи факти, имиња, датуми, анализи, предупредувања – и визија.
Ова е само почеток. Ова е интервју што има потенцијал да отвори жешка дебата во општеството, се разбира, ако постои храброст и волја да се отворат овие суштински теми. Во секој случај, разговорот со поранешниот претседател на Северна Македонија ќе вознемири одредени структури, бидејќи осветлува врски и процеси кои со години се негираат, а денес се неизбежен дел од општествено политичкиот и безбедносен пејзаж на земјата и пошироко.
Џабир Дерала
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска
Продукција: ЦИВИЛ Медиа






















