Не стивнуваат реакциите по скандалот што се случи со пејачот Аца Лукас кога беше прекинат неговиот концерт во Кавадарци. Тој беше приведен од страна на полицијата, а според официјалното соопштение од страна на Министерството за внатрешни работи, Лукас во ресторанот во Кавадарци настапувал без потребна дозвола.

Од овие причини околу 00.10 часот концертот на Аца Лукас беше прекинат и пејачот беше однесен во судот во Кавадарци, каде по скратена постапка, бидејќи е странец, му беше изречена парична казна.

Настапот на српската ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот. Ова го потврди и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, додавајќи дека нема да дозволи Кочани сценарио во неговиот град и дека безбедноста треба секогаш да е на прво место.

Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.

„Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран“, изјавил Јанчев.

Локалот во кој што настапувал Лукас имал капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.

„Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине“, додаде градоначалникот.

Јанчев напомена и дека ангажманот на самиот изведувач не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што претставува дополнителен прекршок.

Текстот Градоначалникот Митко Јанчев по скандалот со Аца Лукас: Кочани сценарио нема да дозволиме е превземен од МАКФАКС.