Еден од најпрепознатливите регионални бендови на урбаната музичка сцена, С.А.Р.С (Sveže amputirana ruka Satrijanija), ќе настапи во сабота, 22. ноември во „Паблик рум“ во Скопје. Со повеќе од петнаесет години активна кариера, голем број хитови како „Lutka“, „Perspektiva“, „Buđav lebac“, „Ti, ti, ti“, „To rade“ и „Rakija“, како и публика што ги следи низ целиот регион, С.А.Р.С остануваат бенд кој на сцената спојува емоција, хумор и социјална критика на препознатлив и автентичен начин.
Скопје има посебно место во нивната музичка приказна – токму во нашиот град бендот го одржал еден од своите први концерти надвор од Србија.
„Во неверување гледавме како целата публика ги пее песните со нас од збор до збор. Тогаш сфативме колку брзо нашата музика отпатувала низ целиот регион“, велат членовите на бендот.
Настапот во „Паблик рум“ ќе биде нивно прво појавување на оваа сцена, а С.А.Р.С најавуваат атмосфера по која се добро познати: „Сигурни сме дека ќе направиме луда журка каква што Скопје ја заслужува.“
Покрај енергичниот сценски настап, бендот останува доследен на својот израз во кој хуморот и друштвената критичност се преплетуваат со топлина и човечност. „Мораме да го задржиме ведриот дух и покрај тоа што гледаме дека некои работи не се менуваат. Во спротивно, секојдневието ќе ни ја одземе и малата радост што ни останала,“ велат од С.А.Р.С.
Во 2026 година бендот ќе го прослави јубилејот од 20 години од формирањето, а во план се повеќе нови проекти. „Не откриваме детално уште, но наскоро ќе дознаете што се подготвува во нашата кујна,“ најавуваат тие.
Информации за настанот:
Датум: 22 ноември
Локација: „Паблик рум“, Скопје
Билетите се достапни преку MK Tickets.
Текстот Белградскиот бенд С.А.Р.С со концерт во „Паблик рум“ во сабота, 22. ноември е превземен од МАКФАКС.






















