Во Културно-информативниот центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 2, утре, 18 ноември, со почеток во 20.00 часот, ќе биде отворена изложба на слики „Оган“ од ликовната уметница Бојана Артиновска.

„’Оган’ е мојот најнов циклус посветен на еден од најмоќните природни елементи – огнот како движење, страст и внатрешна сила. Процесот на создавање беше длабоко личен: свесно поврзување со елементот, со топлината во телото и со соларниот плексус како центар каде се раѓа волјата, самодовербата и личната моќ. Создавањето ме научи дека оганoт не е сила што ја освојуваме, туку енергија што се разбудува во нас.

Овие дела се сведоштво за тој процес. Боите не се употребени за опис, туку за вибрација – портокалови, црвени, жолти и црни слоеви се преплетуваат во различни интензитети низ непредвидливи слоевити текстури. Атмосферата се движи од меко, жарно чувство до поинтензивни огнени слоеви, во кои движењето природно се менува и се обновува. Се обидував да работам без наметнување, дозволувајќи ѝ на сликата сама да ја открие својата форма.

Отворањето на изложбата ќе биде живо и возбудливо. Ќе биде активирана атмосфера која го следи ритамот на самиот елемент. Посебен дел од програмата останува ненајавен – мал огнен момент што ќе го почувствуваат само оние што ќе присуствуваат.
Но со голема чест ја најавувам и соработката со двајца извонредни гости:

Емил Петро, визуелен уметник, дизајнер и истражувач кој работи со светлина, дигитална анимација и современи сценски визуелизации. Неговите светлосни интервенции се препознатливи по тоа што го менуваат просторот и создаваат ново слоевито доживување. За изложбата ОГАН, Емил ќе изведе светлосни проекции и движења врз делата, со што ќе внесе дополнителна динамика и енергетски импулс што природно се надоврзува на боите и текстурите.

Игор Темел –основач на Amon-dur Music Studio – Битола, чија музичка чувствителност и продукциско искуство ќе изградат звучна димензија што природно го следи визуелниот јазик на изложбата. Неговата музика ќе пулсира заедно со делата и со проекциите, создавајќи единствена атмосфера каде бојата, звукот и светлината дишат заедно.

„ОГАН“ е покана за будење и враќање кон животната енергија што ја носиме во себе — енергија што не уништува, туку буди, прочистува и создава. Покана за храброст да согориме старото и да се отвориме кон новото. Те повикува да го почувствуваш пламенот во живо, во моментот кога уметноста станува енергија, а енергијата – искуство“, напиша Бојана Артиновска.

Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Како слободен уметник, од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена.

Таа е член на трите национални здруженија на ликовни уметници – ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ – и има долгогодишно искуство во сликарството, сценографијата, дизајнот и театарската визуелизација. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и со повеќе театарски работилници на проекти поврзани со сценографија, костимографија и шминка.

Артиновска има реализирано бројни групни настапи и девет самостојни изложби, меѓу кои „Во мене“ (2008), „Гозба“ (2011), „Трепет“ (2020), „Позадини“ (2021), „Земја“ (2022), „Вода“ (2023/2024) и „Парчиња живот“ (2024). Добитничка е на наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија (2010) и на наградата „4-ти Ноември“ на ДЛУБ (2022).Во својата работа користи техники на боја, текстура и експериментални слоеви, а паралелно е активна и како инструктор по јога.

Изложбата ќе биде отворена до 03.12.2025 година.

Текстот „Оган“ – изложба на слики од Бојана Артиновска во Скопје е превземен од МАКФАКС.