Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска го потпиша актот за одржување на локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа каде на 19 октомври, прв круг на Локалните избори немаше доволен број излезени граѓани на гласање.

„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес го потпишав актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.

Со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.

Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.

„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет.

Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“.

Текстот Ќе се гласа на 11 јануари: Гаши го потпиша актот за одржување на повторените избори за градоначалници во четирите општини е превземен од МАКФАКС.