Македонија повторно стои исправено, а младите гордо и достоинствено го понесоа товарот да ги исправат неправдите кои со години ѝ беа нанесувани на нашата држава, кажа денеска на прес-конференција Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„По завршувањето на локалните избори и конституирањето на општинските совети, исклучително сум горд што Унијата на млади сили уште еднаш се потврди како силен генератор на нови кадри и политики кои носат визија и иднина. Благодарение на отвореноста на ВМРО-ДПМНЕ кон младите, поддршката од сениорските структури и препознавањето на енергијата која ја носи најголемата политичка младина во државата, денес можеме да се пофалиме со над 100 советници низ општините, како и со 3 пратеници во Собранието на Република Македонија – рекорден број досега, директно произлезен од нашите редови“, рече Попов.
Овој успех не е случаен, вели тој. „Тој е резултат на макотрпна работа, упорност и континуирана борба. Тој е доказ за нашата зрелост, кредибилитет и довербата што младите ја градеа во Организацијата со години“.
„Денес, одржавме состанок со нашите новоизбрани советници – состанок на кој се обврзавме заеднички, јавно и одговорно дека ќе работиме чесно, посветено и дисциплинирано во интерес на младите и во интерес на сите граѓани.
За нас како младина, политичките функции не се привилегија – тие се обврска и должност кон државата и кон младите генерации. Како нови советници и пратеници, ја преземаме одговорноста да бидеме постојано достапни, да бидеме на терен, да работиме чесно и посветено за интересите на младите луѓе во Република Македонија.
Наша цел не е само да слушаме и да констатираме факти. Наша должност е активно да создаваме услови младите да станат двигатели на промените: да ги вклучиме во процесите, да ги охрабриме да дискутираат, да предложуваат решенија и да ја почувствуваат локалната самоуправа како свој автентичен простор.
Без разлика дали се работи за комунални прашања, урбанистички планови, спорт, култура, образование, младински иницијативи или екологија – младите ќе ја покажат разликата. Ќе покажеме дека можеме поинаку и подобро и дека можеме да испорачаме резултати што носат иновација, енергија и подобро утре“, истакна Попов.
Текстот (Видео) Попов: УМС е единствен претставник на младите во општините и парламентот е превземен од МАКФАКС.























