Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје – упати критика кон сите пратеници во македонското Собрание поради усвојувањето на Законот за контрола на индустриските емисии, кој организацијата го нарекува „најштетниот закон во историјата на Македонија“.

Од иницијативата најавуваат дека почнуваат постапка за оспорување на уставноста на законот пред Уставниот суд, а паралелно работат и на предлози за негови измени.

Во соопштението се потсетува дека законот бил изгласан пред два месеца, во предизборен период, без ниту еден глас против. „Зелен хуман град“ наведува дека од 120 пратеници нула гласале против, 22 не присуствувале, 34 не се изјасниле, а 64 го поддржале законот.

Организацијата обвинува дека со законот се овозможува легално да се произведат последици врз здравјето и животот, и дека институциите капитулирале, па затоа тие продолжуваат со правни иницијативи, јавен притисок и активности за чист воздух и безбедни услови за живеење.

„Никој не е слободен додека дише отров легално скриен како ‘деловна тајна’“, стои во соопштението, со повик до граѓаните да се приклучат кон иницијативата.

„Зелен хуман град“, и претходно предупреди дека новиот Закон за контрола на индустриските емисии создава сериозни ризици за животната средина и здравјето на граѓаните. Организацијата посочува неколку клучни проблеми, меѓу кои и тоа што не содржи јавни 24/7 достапни податоци за индустриското загадување. Законот не обврзува индустриските капацитети да објавуваат континуирани податоци за емисиите, што значи дека јавноста нема пристап до информации за реалното загадување, велат оттука.

Натаму, како што додаваат, компаниите имаат право да сокријат информации за суровини, хемикалии, процеси и активности доколку ги класифицираат како деловна тајна. Според иницијативата, тоа практично дозволува прикривање дали се користат токсични материјали или отпад.

Ја нагласуваат и можноста да се сокријат информации за еколошки штети при затворање на инсталации. Член 24, став 8 дозволува одредени податоци за мерки за намалување на еколошка штета да бидат недостапни за јавноста. Се наведува дека Законот предвидува до 6 месеци работа над дозволените граници, како и до 500 часа годишно со мониторинг што го врши самата индустрија — без независна контрола. Законски се ограничува учеството на јавноста во предлагање технички подобрувања за намалување на загадувањето. Од Зелен хуман град велат и дека во извештајот од јавната расправа се наведува дека големи загадувачи како „Макстил“ и „Усје“ го поддржале законот — што, според иницијативата, покажува колку е поволен за индустријата. Натаму, како што додаваат, Законот бил донесен во време на кампања, што не дозволува ефективно учество на јавноста.

Текстот „Зелен хуман град“ ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за контрола на индустриски емисии е превземен од МАКФАКС.