Фондацијата „Роми за Европа“ со седиште во Брисел изрази длабока загриженост по објавено видео од Македонија на кое се гледаат возрасни луѓе кои мачат 8-годишно дете од ромската заедница и му се закануваат. Организацијата го оцени случајот како сериозно прекршување на човековите права и упати повик до институциите за целосна и независна истрага.

„Овој случај не се однесува само на страдањето на едно дете – тој покажува колку длабоко е дозволено расизмот против Ромите да пушта корени,“ изјави претседателот на фондацијата, Желјко Јовановиќ, нагласувајќи дека властите треба решително да дејствуваат за да обезбедат правда и да спречат повторување на вакви случаи.

Од фондацијата потсетуваат дека сторителите се ставени во куќен притвор, но додаваат дека потребна е поширока институционална реакција и системски мерки за превенција и санкционирање на дела од омраза.

Во соопштението се наведува дека според податоците на Агенцијата на Европската Унија за основни права (ФРА), 16 проценти од Ромите во Северна Македонија во изминатата година доживеале вознемирување поради нивното етничко потекло, а неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права укажуваат на недоволно ефикасни истраги во случаи на насилство кон Ромите.

Фондацијата потсетува дека Северна Македонија со потпишувањето на Познањската декларација за вклучување на Ромите и Западен Балкан презела обврска за конкретни мерки во борбата против дискриминацијата и омразата.

„Само преку решителна и принципиелна акција може да се обнови довербата и да се покаже вистинската посветеност на Северна Македонија кон европските вредности,“ се наведува во соопштението на фондацијата, која соопшти дека е подготвена да им помогне на институциите во земјата во овој процес.

Текстот Фондацијата „Роми за Европа“ бара правда и системска акција по случајот со насилство врз 8-годишно дете во Македонија е превземен од МАКФАКС.