Се потврди најлошото, ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта, велат од СДСМ.
„Земјоделците остануваат без потребната поддршка, поради корупција, партизација и неспособност на кадрите на ДПМНЕ. Суспендирањето на ИПАРД 3 програмата е тежок удар врз македонското земјоделство, врз илјадници земјоделци и компании кои веќе имаат склучени договори и реализираат инвестиции. Овој мега скандал е показател за систем на корупција и клиентелизам што целосно ја разорува довербата на граѓаните во институциите. Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство биле известени за суспензијата уште во петокот, но не ја информирале јавноста“, велат од партијата.
Од СДСМ прашуваат кој ќе понесе одговорност за овој, како што велат, мега скандал?
„Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Кој ќе одговара за криењето информации од јавноста? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка? Оние што се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Мицкоски и блиски соработници на Трипуновски од министерството, затоа политичката одговорност за овој случај мора да има. Ќе го повика ли Мицкоски на одговорност Трипуновски или ќе продолжи да го штити?“, прашуваат од СДСМ.
Текстот СДСМ: ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта е превземен од МАКФАКС.























