На 13.11.2025 / четврток / со почеток во 19,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина цртежи од авторите: Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е замислен како една биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово и во таа насока по деветти пат пред ликовната но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања. Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово (носител на проектот) направи напор за вклучување на академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари). Оттука и резултираше разновидноста на понудените решенија пред сè во пристапот но и во негова конечна реализација.

Влијанието на специјалноста, авторскиот печат, индивидуалниот концепт во организирање на елементите на цртежот како и конструирањето на композицијата говорат за неверојатните можности на овој медиум. Иако првичната идеја беше да се стави акцент на почетните скицирани материјали (крокис), со коишто уметниците ја започнуваат реализацијата на својата идеја, во последните години се забележува трендот на пристапување кон цртежот како на самостојно завршено ликовно дело темелено на комплексен приказ со колоритни партии коишто, пак, му даваат финален изглед. Но мораме да забележиме дека не помалку присутна е и тенденцијата на експериментирање и излегување од рамките на цртежот па во таа смисла и создавање на дела со комбинирани медиуми.

И ако во реализацијата на секој проект е најважен првиот чекор, во областа на визуелните уметности тој прв чекор, тој прв импулс којшто ќе го почувствува уметникот и ќе го стави на хартија, е скицата којашто подоцна се трансформира во целосен проект. Се надевам дека од изложените дела на оваа изложба публиката ќе го осознае тој процес а авторите ќе ги мотивира и понатаму да му посветуваат должно внимание на цртежот.

Изложбата ќе биде поставена до 27.11.2025 година.

Текстот Биенална изложба на цртежи „Скици 2025“ во Кунаново е превземен од МАКФАКС.