Македонскиот КИЦ во Белград, неделава ќе биде домаќин на врвни македонски музички изведувачи, кои со светски позната музичка програма, но и со програма од македонски композитори, ќе се претстават пред белградската публика.
Вечерва во 20 часот, во Културниот Центар на Белград (Кнез Михајлова 6) КИЦ Белград во соработка со една од најпознатите културни институции во главниот град на Србија, ќе организира концерт на две наши познати пијанистки, Ана Гацева и Татјана Џорлева. Концертот за четирирачно пијано на кој ќе се претстават професорките Гацева и Џорлева содржи програма од Ерик Сати, Едвард Григ, Антонин Дворжак и нашиот македонски композитор Дамјан Темков.
В среда (12 ноември) во 19 часот, во просториите на КИЦ Белград ќе се претстави реномираниот дувачки квинтет КОНСОНАНС со: Маја Чанаќевиќ (англиски рог); Јана Каевска (флејта); Здравко Ангелов (кларинет) и Сашко Темелковски (бас кларинет). На програмата ќе бидат изведувани дела од Чајковски, Барток и Стравински, но и дела од тројца македонски композитори, Цанев, Чедомирски и Илиевски.
„Оваа недела е вистински празник за македонската музичка репродуктивна уметност, бидејќи пред некој ден, на 6 ноември, во Народниот Музеј на Србија во Белград, бевме поддршка на младиот виртуоз на гитара, 14 годишниот Коста Давчевски, со кого КИЦ Белград планира во Програмата за 2026 година, да организира неколку концерти и да го претстави и на македонската и на српската публика, а веќе, деновиве пред нас, ни доаѓаат вистински докажани музички изведувачи, за кои сме убедени дека на највисоко можно репрезентативно ниво ќе ја претстават македонската музичка репродуктивна уметност пред белградската публика.“
Текстот Македонски врвни музички изведувачи неделава во Белград е превземен од МАКФАКС.























