Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, при посетата на пазарџиите на „Зелен Пазар“, изјави дека единствено нешто што се гледаат од Месечината се „Кинескиот ѕид“ и нови предвремени парламентарни избори, со реакција се јави СДСМ. Од таму велат дека Мицкоски и да се качи на Месечината нема да избега од поразите.

-И на месечината да се качи, космонаутот Мицкоски нема да може да избега од поразите и криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Последните јавно објавени информации во неколку медиуми покажуваат дека соработникот на Мицкоски, Антонио Милошоски бил осуден за кривични дела во Германија во 2004 и 2005 година, а овде, во државата се водат и судски процеси против него како и кон повеќе актуелни и поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните знаат дека во ВМРО-ДПМНЕ силно е присутна криминално-режимската матрица и затоа оваа партија е шест пати поразувана на избори и затоа уште долго ќе остане во опозиција, велат од СДСМ.

Пред само неколку дена премиерот Зоран Заев порача дека нема да има предвремени парламентарни избори.