Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, и уште едно раководно лице сè уште се наоѓаат во полициска станица, по приведувањето во врска со проблемот со отпадот во главниот град.

„Лицата се задржани и постапката е во тек“, велат од Јавното обвинителство.

Оттука вчера соопштија дека лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.

Владата, претходно го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.

Во врска со приведувањето во текот на вчерашниот ден реагираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на Фејсбук со иронија напиша дека директорот, кој е кадар на ДУИ, бил пуштен од станица отако во полицијата по убедување им кажал дека во срцето и душата е „Влен“. Арсовска вината ја лоцира кај претседателката на Управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, за која, исто со доза иронија напиша дека неа не ја апсат оти имала албум со сликички со сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ.