Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најавата на неговиот руски колега Владимир Путин за тестирање на крстосувачка ракета со нуклеарен погон е „несоодветна“.

„Треба да ја завршите војната во Украина. Војната што требаше да трае една недела сега влегува во својата четврта година. Тоа е она што треба да го правите, а не да тестирате ракети“, им рече Трамп на новинарите на авионот „Ер Форс Уан“.

Што објави Путин вчера?
Рускиот претседател Путин вчера објави дека Русија успешно ја тестирала својата крстосувачка ракета со нуклеарен погон „Буревестник“, способна да носи нуклеарна боева глава, за која Москва тврди дека може да го избегне секој одбранбен систем, и дека ќе започне со распоредување на оружјето. Американците ја нарекуваат ракетата „летачки Чернобил“.

Рускиот генерал Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските вооружени сили, му рекол на Путин дека ракетата прелетала 14.000 км и била во воздух околу 15 часа, кога беше тестирана на 21 октомври.

Русија тврди дека ракетата 9M730 Буревестник – наречена SSC-X-9 Skyfall од НАТО – е „непобедлива“ за сегашната и идната противракетна одбрана, со речиси неограничен дострел и непредвидлива патека на летот.

„Тоа е уникатно оружје што никој друг во светот го нема“, рече Путин, облечен во камуфлажна униформа, на состанокот на командниот пункт со генералите што ја надгледуваат војната во Украина, во соопштение објавено од Кремљ во неделата.

Путин рече дека некои руски експерти еднаш му кажале дека такво оружје веројатно никогаш нема да биде можно, но сега, рече тој, неговото „клучно тестирање“ е завршено.

Герасимов рече дека ракетата е на нуклеарен погон и дека овој тест е различен затоа што летала на толку голема далечина, иако нејзиниот дострел е во суштина неограничен. Тој рече дека може да ја победи секоја ракетна одбрана.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Путин се пофали со „летачкиот Чернобил“, Трамп: Треба да ја завршите војната во Украина, а не да тестирате ракети е превземен од МАКФАКС.