Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека Австрија се залага за учество на Израел на следното натпреварување за песна на Евровизија, кое ќе се одржи во Виена во мај 2026 година.
„По мое мислење, би било фатална грешка доколку го исклучиме Израел од натпреварувањето“, изјави Штокер за германската агенција ДПА, додавајќи дека таквата одлука би била спротивна на „историската одговорност“ на Австрија, со алузија на нејзината улога во холокаустот.
Штокер нагласи дека Австрија сака да се претстави како „отворен домаќин за целиот свет“.
Неколку земји-членки на Европската радиодифузна унија – меѓу нив Шпанија, Холандија и Ирска – најавија можен бојкот на натпреварот доколку Израел остане во конкуренција. Конечната одлука ќе биде донесена во декември.
Расправа за учеството на Израел се води уште од Евровизијата 2024 во Шведска, одржана неколку месеци по нападите на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, кога некои учесници, меѓу нив и холандскиот претставник, јавно протестираа против израелското присуство на сцената.
Текстот Австрија против бојкот на Израел на Евровизија: Имаме историска одговорност е превземен од МАКФАКС.























