Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денес изјави дека на претстојните локални избори на 2 ноември, скопјани ќе изберат „пред сè човек, а потоа и градоначалник“ кој знае да работи за граѓаните, истакнувајќи дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, е вистинскиот избор за чисто и модерно Скопје.

„Со Орце Ѓорѓиевски и мнозинството во Советот ќе ги поставиме темелите на промените што му се потребни на главниот град“, рече Манасиевски, додавајќи дека поддршката од над 91.000 граѓани во првиот изборен круг е голема чест и уште поголема обврска.

Тој нагласи дека довербата од граѓаните е резултат на реални резултати кои Ѓорѓиевски ги покажа на локално ниво во Кисела Вода, како и на државно ниво, каде што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 16 месеци значително помогна во развојот на општините.

Манасиевски потенцираше дека мнозинството во Советот на Град Скопје ќе овозможи стабилност, координација и побрзо реализирање на ветените проекти – нови мостови, почист воздух, повеќе зелени површини и поефикасен јавен превоз.

Во однос на опозицијата, тој оцени дека СДСМ како „петта партија во Скопје со околу 26.000 гласови“ доживеала сериозен пад и покажала дека нема доверба кај граѓаните.

„Наместо да понудат аргументирана критика или решенија на проблемите, тие продолжуваат по истата погрешна насока“, рече Манасиевски.

„Разликата е јасна – ВМРО-ДПМНЕ е партија која работи чесно, одговорно и транспарентно, а нашите ветувања се реални и остварливи“, додаде тој.

На крајот Манасиевски порача:

„На 2 ноември изборот е едноставен, а тоа е вистинскиот избор – глас за Орце Ѓорѓиевски, глас за бројот 9, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина.“

Текстот Манасиевски: Со Орце Ѓорѓиевски и мнозинството во Советот ќе ги поставиме темелите на промените за Скопје е превземен од МАКФАКС.